mac-copy

Како и што се очекуваше, Apple ќе претстави нови лаптоп и десктоп компјутери на настан во кампусот на компанијата на 27 октомври. Иако последниве неколку години не видовме особено голем напредок во дизајнот и можностите на MacBook компјутерите, на овој настан би требало да видиме доста големи промени и кај Air и кај Pro моделот.

Имено, се очекува MacBook Pro да добие посебна лента над тастатурата, која поточно ќе биде OLED дисплеј на допир. Овој дисплеј може да се користи за најразлични функции, зависно од тоа која апликација е во преден план во моментот. Ова решение не е невидено досега (Lenovo вгради слично решение во една генерација на X1 Carbon лаптопот и се откажа), но би требало да донесе значително подобрување во корисноста.

MacBook Air моделот пак веројатно конечно ќе добие повисока резолуција на дисплејот од античката 1440х900 пиксели. Лаптопите повторно ќе бидат достапни во 11 или 13 инчна изведба за Air моделот, односно 13 или 15 инчна изведба за MacBook. Компјутерите секако ќе бидат опремени со новите Kaby Lake процесори на Intel, кои донесуваат солидни подобрувања во однос на Skylake.

Според тоа колку голем скок направи Windows конкуренцијата последниве 3-4 години, очекувам новите MacBook модели да бидат навистина најдоброто што може да го понуди Apple, a не само мали подобрувања во однос на претходниците. На Apple му треба вистинска иновација во компјутерскиот сектор и ова е настанот на кој мораат да го покажат тоа ако сакаат да останат во чекор со конкуренцијата.

Извор: Tech Crunch, The Verge, T3

Претходна статијаSirius A е супер мал компјутер со десктоп Windows 10 оперативен систем
Следна статијаKirin 960 на Huawei е најбрзиот мобилен чип на планетава?