AMD годинава се чини повторно ќе биде достоен конкурент на Intel кога се во прашање десктоп процесорите, нешто на кое чекавме скоро една деценија. Новите Ryzen чипови ќе пристигнат веќе во март, па сите вие кои планирате да составувате моќна десктоп машина за гејминг, препорачувам да почекате и да видите што има AMD да понуди, бидејќи според првите најави Ryzen процесорите ќе нудат еквивалентни перформанси на Intel, но по пониски цени.

Ова не е само важно лансирање за AMD, туку и воопшпто за целата иднина на десктоп компјутерите. Имено, Intel веќе очигледно почна да се префрла во други сфери на технологијата и го забави развојот на десктоп чипови, што значи дека наредниве неколку години од нив нема да гледаме големо покачување на перформансите.

Од друга страна, од AMD ветуваат дека веќе работат на Zen 2 и Zen 3 и дека веќе работат на развивање на технологија за производство со големина на транзисторите од 7 nm. Да потсетиме, актуелните чипови на Intel од Kaby Lake генерацијата имаат транзистори од 14 nm, а ист ќе биде случајот и со Ryzen. Чипови со транзистори од 10 nm засега нема, но тие наскоро ќе бидат достапни во смартфоните – прв таков ќе биде Snapdragon 835.

Покрај чипови за десктоп машините, AMD подготвува и серверски чипови со кодно име Naples, кои исто така ќе се базираат на Zen архитектурата и кои треба да и помогнат на компанијата во остварување поголеми профити, кои потоа би можеле да ги искористат во развој на нови чипови за приватните корисници.

Сите овие информации и ветувања доаѓаат од извршниот директор на компанијата, Лиза Сју, што значи дека можеме слободно да ги прифатиме како точни. Згора на тоа, во AMD очигледно повторно има доза на оптимизам, што мислам дека е доволна причина нетрпеливо да го очекуваме март и да ги видиме првите бенчмаркови на новите процесори.

Извор: PC World, PC Gamer, Forbes

Претходна статијаШвајцарскиот филм ‘’Скиците на Лу’’, со Дашмир Рустеми во главната улога, премиерно во Македонија
Следна статијаФотографии од прототип на LG G6 откриваат уште повеќе детали за смартфонот