Долгоочекуваната “Zen” архитектура на AMD конечно вроди со плод. Првите единици од најдобрите процесори досега на производителот ќе пристигнат на пазарот на 2 март и очекувам брзо после тоа да бидат достапни и кај нас. И иако веќе неколку пати го кажав ова, ако планирате да правите нова гејминг десктоп машина, вреди да почекате да излезат Ryzen чиповите.

Ова особено добива на тежина поради цените на процесорите. Најмоќниот во понудата, Ryzen 7 1800X со осум јадра кои работат на 3,6 GHz, односно 4,0 GHz при буст и 16 “threads” односно виртуелни јадра, чини само 500 долари. Реков само? Еквивалентиот Core i7-6900K чини дури 1.049 долари и има дури и за влакно послаби перформанси. Да, сега за 500 долари (отприлика 500-550 евра кај нас) ќе може да купите ултра моќен процесор од највисоката класа.


Покрај најмоќниот Ryzen 7 1800X, во високата класа ќе бидат достапни и Ryzen 7 1700X и Ryzen 7 1700. Помоќниот има 8 јадра на 3,4/3,8 GHz и 16 “threads”, додека послабиот има осум јадра на 3,0/3,7 GHz и 16 “threads” Нивните цени изнесуваат 399, односно 329 долари и овие два модели се за околу 20% поевтини од противниците од Intel, притоа нудејќи подобри перформанси во бенчмарковите.

За гејмерите со помал буџет сосем доволни ќе бидат и процесорите од Ryzen 5 линијата, кои ќе бидат противници на Core i5. Ryzen 1600X и 1500 ќе имаат шест јадра и 12 “threads”, првиот на 3,6/4,0 GHz, додека вториот на 3,2/3,5 GHz и нивните цени изнесуваат 259, односно 229 долари. И овие два процесори би требало да се побрзи од еквивалентните Core i5 на Intel. Ryzen 1400X и 1300 пак имаат 4 јадра, 8 threads и брзини од 3,5/3,9 GHz, односно 3,2/2,5 GHz и чинат 199, односно 175 долари.

Оние кои сакаат најевтин можен гејмерски компјутер, кој ќе може да понуди респектабилни перформанси, во понудата има и Ryzen 3 чипови, кои се противници на Core i3. Ryzen 3 1200 X има четири јадра на 3,4/3,8 GHz и чини 149 долари, додека најслабиот Ryzen 1100 има четири јадра на 3,2/3,5 GHz и ќе чини 129 долари. Ryzen 3 моделите немаат “multithreading”, односно поделба на јадрата на две физички јадра.

На 2 март во продажба ќе бидат пуштени само Ryzen 7 процесорите, додека Ryzen 5 ќе пристигне на пазарот во второто тримесечје на 2017. Најевтините Ryzen 3 ќе пристигнат во втората половина на оваа година. Ryzen процесорите ќе можат да се вградат само во нови AM4 матични плочи, кои исто така треба да бидат прилично поволни.

Извор: The Verge, Tech Spot, Wikipedia

Претходна статијаКако да ја исчистите прашината од вашиот компјутер и зошто е тоа добро
Следна статијаКонцепт за iPhone 8 е замислен без рамка околу дисплејот и Touch Bar во долниот дел