Најмоќните Intel Core i7 процесори со осум јадра денес чинат околу 1.000 евра, што е прилично голема сума само за процесор. Отсега, сите гејмери, но и оние кои бараат максимум брзина од својот компјутер, можат да ги добијат истите перформанси со новите AMD Ryzen чипови, кои ќе чинат два пати помалку!

Ова е значаен напредок во десктоп сферата и особено за гејмерите, кои досега требаше да плаќаат особено големи суми за моќни процесори и графички картички. Денес, цените на вторите веќе се симнаа драматично и денес може да се купи многу солидна графичка за 200-250 евра, а наскоро неа ќе може да ја придружите и со моќен процесор.

Во почеток ќе бидат лансирани три модели – Ryzen 7 1800X, Ryzen 7 1700X, и Ryzen 7 1700. Сите имаат осум јадра и 16 виртуелни “threads”, што ги прави конкуренти на најмоќните Core i7 , како на пример i7-6900K. Перформансите се очекува да бидат идентични на оние на најдобрите чипови Intel, но со многу пониска цена. Интересно, чипот ќе биде и помал од еквивалентниот Intel, на што AMD особено се гордее, бидејќи главниот конкурент е познат по своите производствени процеси.

Имено, најевтиниот чип во понудата, Ryzen 7 1700 чини само 317 долари а има осум јадра на 3,7 GHz (при “boost”) и црпи само 65 W енергија. Помоќната 1700X верзија пак работи на 95 W и има осум јадра на 3,4 односно 3,7 GHz при “boost” и чини само 382 долари. Најмоќниот процесор Ryzen 7 1800X пак има осум јадра на 3,6 GHz односно 4,0 GHz при “boost” и чини само 490 долари. Ова е двојно поевтино од Core i7-6900K, кој чини над 1.000 долари. Цените не се потврдени од AMD, односно се протечени, но од извор кој досега бил прилично точен во информациите кои ги давал.

Сепак, мало разочарување за оние со Windows 7 кои уште го користат за гејминг – AMD нема да пушта официјални драјвери за овие процесори за стариот оперативен систем. Ова за мене е очекувано, но сигурен сум дека ќе има корисници кои ќе се побунат. Како и да е, јас само би препорачал да инсталирате Windows 10, бидејќи донесува доволно промени и подобрувања во гејминг секторот, особено сега со Creators Update.

Независно од тоа што Ryzen чиповите нема да имаат поддршка за Windows 7, ваквото намалување на цените е голема вест за целиот десктоп и гејминг свет. Сега, корисниците ќе можат да склопат моќен гејминг компјутер за скоро двојно помалку пари отколку што можеа минатата година, што е огромна добивка за сите. Јас лично веќе почнав да штедам за нова AMD Ryzen конфигурација.

Извор: Tech Spot, Digital Trends, Forbes

Претходна статијаGalaxy S8 и S8 Plus ќе имаат батерии со капацитет од 3.000 односно 3.500 mAh
Следна статијаСоларната енергија и електричните возила ќе го намалат производството на јаглен и нафта