xiaomi-mi-4

Xiaomi, кинескиот број еден производител на паметни телефони, полека се шири и во остатокот од светот. Според најновите статистички податоци од IDC, Xiaomi во третата четвртина од оваа година го има достигнато третото место во светот. Тоа значи дека оваа компанија се наоѓа зад Samsung кои што го задржаа првото место и Apple исто така на оваа позиција изминатите години. На четвртото и петтото место се наоѓаат Lenovo и LG.

Xiaomi продолжува да бележи раст кој што се мери во троцифрени процентни бројки, што е резултат на големиот успех на компанијата во Кина, но и постепеното ширење на нови пазари, меѓу кои и македонскиот. Според IDC, главната причина за растот на Xiaomi се должи на претставувањето на мобилни телефони со пониска цена од најдобрите модели на пазарот, но со исти или слични карактеристики и перформанси. Посебно влијание на големата продажба има одличниот Mi 4 модел кој е достапен од ова лето.

Паметните телефони од Xiaomi се познати по својот одличен дизајн, а можеби и уште повеќе по MIUI софтверот кој што е еден од најдобрите изменети верзии од Android оперативниот систем. Често споредуван со Apple производите, само покажува колку корисничкиот интерфејс на уредите е добро направен, иако од компанијата нагласуваат дека не се работи за копирање или слично.

Што се однесува до другите производители, Samsung веќе одреден период бележи пад на продажбата, меѓутоа тоа се’ уште не влијае на губење на првото место кое што подолг период беше скоро недостижно за другите. Apple оваа четвртина од годината има една од најдобрите продажби, која се должи на новите iPhone 6 модели, меѓутоа нагласено е дека тука голема улога имаат и една година постарите iPhone 5s и 5c.

Исто така, продажбата на паметни телефони генерално бележи пораст во оваа четвртина од годината, најмногу поради големиот раст во пазарите во земјите во развој. Оваа четвртина се продадени 327,6 милиони уреди, што е раст од 25,2% споредено со истата четвртина минатата година.

Извор: Engadget, TechCrunch, IDC

Претходна статијаНовиот филм на Кристофер Нолан „Меѓуѕвезден“ придонесе за ново научно откритие за изгледот на црните дупки
Следна статијаПилотната кабина на новиот тенк на DARPA
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.