intro-bn-bg-1080

Можеби Xiaomi на доста корисници им се познати по телефоните кои што доаѓаат со појаки компоненти, но се со пониска цена од познатите конкуренти, меѓутоа тоа не значи дека од компанијата не работат и на послаби модели наменети за корисниците кои што не сакаат да платат многу за ваков производ.

Redmi серијата вклучува телефони од ваков вид, односно од таканаречената entry level, влезна категорија. Телефоните од оваа категорија обично се продаваат за цена од околу 150 долари или помалку само за уредот.

Оваа недела Xiaomi го претстави наследниот на Redmi 1S кој што е наречен Redmi 2. Овој телефон останува во истата класа, односно ќе се продава по цена од 112 долари. Ги задржува одреден дел од карактеристиките на неговиот претходник, а вклучува и неколку новини.

Xiaomi Redmi 2 доаѓа со истиот 4,7 инчен IPS екран со HD резолуција, односно резолуција од 1280 x 720 пиксели и нивна густина од 331 ppi. Новините кај новиот модел можат да се видат кај чипсетот, поддршката за LTE, како и подобрените камери.

Redmi 2 го вклучува 64-битниот Qualcomm Snapdragon 410 чипсет кој што работи на quad Cortex-A53 со 1.2GHz. Доаѓа со 1GB RAM меморија, како и 8GB внатрешна меморија за складирање со можност за вклучување на SD картица со капацитет до 32GB.

Со LTE поддршка доаѓаат двете SIM картички со кои што доаѓа овој телефон, нешто што е карактеристично за ваквите модели. Брзината кој што може да се постигне изнесува до 150 Mbps.

Задната и главна камера е со 8 MP сензор и вклучува 28mm широко аголни леќи. Предната камера е подобрена од претходниот модел и сега вклучува 2 MP сензор со можност за снимање на 720p видеа.

Без разлика дали поголем дел од нас би се решиле да купат некои од телефоните на Xiaomi, нивниот бизнис модел е нешто што треба да ги промени работите на пазарот на долгорочен план. Достапноста на технологијата овозможува производство на мобилни телефони од повеќе компании, па продажбата со пониски цени, а добри перформанси треба да придонесе за намалување на цените генерално и кај другите производители.

Инаку, Xiaomi моментално е третиот најголем производител на телефони во светот и изминатата година има продадено повеќе од 60 милиони уреди.

Извор: TechCrunch, GSMArena

Претходна статијаWind Tree: Ветерница во форма на дрво ќе произведува електрична енергија во урбаните средини
Следна статијаVLC Media Player достапен за корисниците на Windows Phone (Обновено)
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.