skype-android-icon

Skype е меѓу најстарите сервиси за инстант пораки и телефонски разговори преку интернет, па поради тоа му недостасуваат одредени функции достапни во новите, како на пример Viber. Меѓутоа од Skype работат на модернизирање на начинот на работа на сервисот, односно достапните апликации на повеќето платформи, па постепено вклучуваат нови функции.

Новата функција вклучена во Skype 5.0 за Android, а ќе започне да функционира во наредните месеци, треба да го промени начинот на кој што наоѓате и додавате пријатели во вашата листа. Моментално тоа се прави преку внесување на Skype името на вашиот пријател, а можете да го побарате и преку неговото име и презиме, меѓутоа тоа не секогаш го наоѓа вистинскиот пријател, посебно ако повеќе луѓе го имаат истото име. Со новата функција на Skype, наоѓањето на пријателите ќе стане многу поедноставно и слично на другите апликации. Skype од вас ќе побара да го внесете вашиот мобилен телефонски број, по што ќе ја синхронизира вашата листа со контакти од телефонот на неговите сервери. Сите ваши контакти кои што користат Skype автоматски ќе бидат додадени во вашата листа на пријатели на апликацијата. Skype ќе продолжи да ја проверува вашата контакт листа, па секогаш кога ќе додадете нов контакт или некој од постојните ќе направи Skype сметка, тој ќе биде додаден во вашата Skype листа на пријатели.

en-1

Со цел да ја заштити приватноста на луѓето, односно на тие кои што не би сакале нивната контакт листа да се синхронизира со серверите на Skype, корисниците ќе избираат дали сакаат да ја користат оваа нова функција. Таа може да се вклучи и исклучи преку менито за прилагодување во секое време.

Од Skype истакнуваат дека оваа функција нема да остане достапна само за Android корисниците, односно тие работат на донесување на истата и на другите платформи. Интересното во ова е што Microsoft повторно донесува нова функција на Skype прво на друга платформа, наместо на нивната Windows Phone.

Новата верзија од Skype, односно 5.0 e достапна во Play продавницата и можете да ја надградите, но новата функција ќе почне да работи во месеците што следат.

Извор: Skype Blog

Претходна статијаXiaomi го претстави Mi 4, вклучува одличен хардвер за ниска цена
Следна статијаLechal паметни чевли, вибрираат за да ви го покажат патот
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.