nokia-lumia-930-6756-013

По одреден период на неофицијални информации, вклучувајќи ги и вчерашните, Microsoft денеска официјално ја претстави најновата верзија од Windows Phone 8.1 наречена Update 1. Како и што се очекуваше, неофицијални информации се покажаа како точни, но сепак достапни се и неколку дополнителни функции. Што донесува Windows Phone 8.1 Update 1 која што ќе биде достапна за корисниците на Preview for Developers програмата од идната недела ?

Cortana за корисниците од Британија, Кина, Канада, Индија и Австралија

Како што беше најавено, Cortana од идната недела ќе биде достапна за британските и кинеските корисници во бета верзија во која што моментално се наоѓа и за американските корисници. Исто така личниот асистент ќе биде достапен во алфа верзија и за корисниците на Канада, Индија и Австралија на англиски јазик.

Во Кина Cortana ќе изгледа различно, покрај тоа што ќе разговара на друг јазик. Таа ќе има различна икона, бои, како и анимации, а исто така ќе вклучува и неколку додатни функции кои што не се достапни за останатите корисниците. Така, Cortana во Кина (Xiao Na) ќе прикажува информации за загаденоста на воздухот, ќе прикажува информации за сообраќајните рестрикции, информации за омилените ТВ серии, а ќе може да преведува на англиски преку Bing Translator.

wp_ss_20140712_0001_0827F7D2

Во Британија, како што веќе беше најавено, Cortana ќе говори со британски акцент и нема да го има истиот глас како кај американските корисници. Ќе вклучува и одредени локални прилагодувања, како што се спортски натпревари и слично. Достапноста на Cortana за британските корисници е добра вест и за дел од нашите корисници кои што би требало сега да можат да ја пробаат доколку го променат нивниот регион и јазик во прилагодувањата на телефонот.

Cortana исто така вклучува и неколку новини за американските корисници, како што е можноста за snooze на потсетниците, имитирање на личности, интеграција со автомобилските системи кои што можат да се поврзат со контакт листата на уредот и повеќе.

Live Folders

Случајно откриено од страна на Microsoft на крајот од минатиот месец, Windows Phone 8.1 Update 1 конечно воведува можност за креирање на папки на главниот, односно home екранот. Креирањето на папките се прави како што би очекувале, преку ставање на една плочка врз друга, по што го внесувате името на папката. Името и големината на плочките внатре во папката можете да ги промените кога сакате.

Папките се наречени „живи“ со причина, односно плочките ставени во неа ќе продолжат да ги прикажуваат своите нотификации, односно нема да бидат скриени поради тоа што се ставени во посебна група.

wp-live-folders-2

Apps Corner

Ова е интересна нова функција доколку имате обичај да го давате вашиот мобилен телефон на вашите пријатели или колеги за кратко да завршат одредена работа. Слична со достапната Kids Corner, Apps Corner ви овозможува да креирате посебен home екран и да изберете кои апликации ќе бидат достапни на него, а до другите да не може да се има пристап.

apps-corner_77B907F3

Другите нови функции кои што доаѓаат со Update 1 надградбата вклучуваат:

  • Жива плочка за продавницата за апликации на која што ќе бидат прикажувани нови апликации и игри, како и досегашните достапни надградби. Плочката ќе биде ажурирана на секои 6 часа
  • Можност за селектирање на повеќе SMS пораки за нивно препраќање или бришење
  • Подобрувања на Xbox Music апликацијата
  • Можност за поврзување на VPN мрежи преку јавни Wi-Fi точки
  • Подобрена работа на Internet Explorer
  • Поддршка за брзо High-voltage полнење
  • Поддршка за интерактивни футроли

Update 1 надградбата ќе биде достапна за корисниците на Preview for Developers програмата кои што ја имаат инсталирано Windows Phone 8.1 верзијата од идната недела, а за останатите корисници во месеците што следат.

Извор: Windows Phone Blog, WPCentral

Претходна статијаWindows Phone 8.1 Update 1 наскоро достапна за програмерите, ќе вклучува неколку нови функции
Следна статијаInstagram ја претстави Bolt, апликација за брзо испраќање на фото пораки
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.