После неколку уреди од ниската и средната класа, HMD Global конечно го претстави својот прв телефон од високата класа, по преземањето на правата за користење на брендот Nokia.

Како што кажуваа повеќето неофицијални информации, првиот „знаменосец“ на новата Nokia е наречен Nokia 8 и доаѓа со повеќето карактеристики коишто се очекуваат од еден уред од оваа класа.

Конкретно, Nokia 8 доаѓа со 5.3 инчен IPS QHD екран со резолуција од 2560 x 1440 пиксели и заштита со Corning® Gorilla® Glass 5, 2.5D Glass. Како што се очекуваше, 8цата работи на Qualcomm Snapdragon 835 чипсетот, односно на процесор со 8 јадра (4 2.5GHz Qualcomm Kryo CPU + 4 1.8GHz Kryo). Меморијата на уредот вклучува 4 GB RAM и 64 GB простор за складирање, а ќе има и можност за купување на посебна верзија со 6 GB RAM и 128 GB простор.

Она што остава впечаток е што од Nokia не се одлучија да го следат трендот на другите производители и да направат уред со многу мали рамки околу екранот. Наместо тоа, Nokia 8 е стандарден уред од високата класа, како што би очекувале да биде до минатата година.

Дизајнот е направен во стилот на Nokia, односно нуди избор од повеќе бои, меѓу кои и такви кои ќе привлечат внимание на масата. Изработен е од алуминиум од сите страни и е направен како што би требало тенок.

Она на коешто од Nokia даваат внимание со овој уред се трите Carl Zeiss камери со кои тој доаѓа. Конкретно Nokia 8 има двојна камера на задната страна, двете со по 13 мегапиксели (едната со сензор во боја, другата црно бел), како и предна камера исто така со 13 мегапиксели.

Главната карактеристика која од Nokia одлучуваат да ја направат како нешто што ќе го издвои овој уред е можноста да се користат камерите во исто време. Поточно, корисникот ќе може да ја користи и задната и предната камера во исто време, за слики и видеа. Истите ќе бидат издвоени со рамка во средината.

Ова не е нешто ново, веќе имаме видено ваква можност кај уредите кај други производители, како и апликации кои го нудат истото. Она што ја прави оваа можност посебна кај Nokia 8 е можноста да на овој начин се емитува содржината во живо на Facebook и YouTube.

Од Nokia оваа можност ја нарекуваат официјално Dual-Sight, а го користат и името bothie, што е промена на името селфи да означи дека двете (both) камери се користат.

Nokia 8 исто така доаѓа со Nokia Ozo 360 степен звук, што може да се покаже како корисно при снимање на 360 степени видеа и слично.

Телефонот треба да стане достапен од септември и да се продава по цена од околу 600 евра.

Извор: Nokia, The Verge, TechRadar, Wired

Претходна статијаFrontRow е камера која може да ја носите околу вратот
Следна статијаFacebook додава нови можности на камерата во својата апликација
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.