smart-14

Годината е при крај, а за Смартпортал 2014 беше навистина интересна година во која се осврнавме на многу новости од најразлични области, како вештачка интелигенција, приватност и шпионирачки скандали, најновите откритија во науката и технологијата, пресекот помеѓу технологијата и економскиот пазар, и други интересни теми.

Поради тоа, сметав дека ќе биде фино за читателите кои допрва го откриваат овој портал, да „нурнат“ во богатите содржини кои ги сумирав во овој напис, додека истите ќе претставуваат и освежување за тие што редовно не следат. Во никој случај ова не е исцрпна листа. Постојат и многу други написи кои вреди да се прочитаат. Сепак, во продолжение се написите што сметам дека успешно ја отсликаа моменталната состојба на општеството во кое живееме, и во кој правец истото е водено од експоненцијалниот технолошки развиток.

Можевме да видиме на какви проекти работат најголемите светски компании, со кои проблеми се соочуваат најуспешните прептриемачи, и за какви работи размислуваат, во споредба со нашите. Напредокот во технологијата несомнено ни нуди можност за подобар живот, но истиот напредок им овозможува и на одредени ентитети моќ да ни напакостат. Се надевам дека ќе ви се допадне тоа што ќе го прочитате.

БИОХАКИРАЊЕ

Веб-страницата WT WOX наброја 10 преносни технологии кои наскоро ќе можеме да ги вградиме во телото

cyberpunk_city

Во овој текст откриваме кои технологии не чекаат во блиската иднина. Паметни телефони кои ќе можеме да ги вградиме во телото, имплантирање на паметни 3Д печатени органи, воспоставување на комуникација Мозок – Компјутер се само дел од технолошките откритија на кои напорно работат светските научници.

Google развива начин за откривање на болести преку магнетни нано честички

Што ако можеме да ја победиме смртта со едно апче? Како поткрепа на информацијата дека светските научници постојано работат на напредни биотехнолошки изуми, ни доаѓа веста дека Гугл работи на развој на откривање на човечки болести преку мали магнетни нано-честички, кои би ги апсорбирале преку капсули. Идејата е дека тие ќе можат да се закачуваат за клетките заболени од рак, со што ќе помагаат во совршено дијагностицирање и евентуално, лечење на овие клетки. Фасцинантно.

ВЕШТАЧКА ИНТЕЛИГЕНЦИЈА

Роботите наскоро ќе нè заменат во работата

Screenshot 2014-10-03 14.49.03

Дефинитивно контроверзна идеја, но дали нереална? Во овој напис се поставува тезата дека роботите во иднина ќе ги заменат луѓето во вршењето на оние подосадните, административни работни обврски. Но не само тоа, како што е прикажано во видеото кое може да се погледне во написот, роботите веќе создаваат уметност. Кај некои луѓе овој факт предизвикува воодушевување, кај други страв, чувствувајќи се загрозени од ваквите потенцијално тектонски општествени промени.

Елон Маск е загрижен дека човештвото може да заврши во спам-филтерот на идната ВИ

Elon_Musk_-_The_Summit_2013

Елон Маск, амбициозниот претприемач кој е предводник во напорите човештвото да се пресели на друга планета, не верува дека иднината на соживот помеѓу роботите и луѓето е толку розова, велејќи дека вештачката интелигенција е дури поопасна и од нуклеарната воена технологија. Доаѓајќи од човек како Маск, на ова пророштво треба да му посветиме повеќе внимание во иднина.

ПРИВАТНОСТ

Водич за заштита на дигиталната приватност

online_privacy

Накратко, овој напис содржи многу релевантни информации и корисни алатки со кои можете подобро да ја сочувате вашата дигитална приватност.

Глен Гринвалд објаснува зошто нему му е важна приватноста

Glenn Greenwald

Новинарот кој му помогна на Едвард Сноуден да ги открие тајните кои ги променија парадигмите во полето на интернет приватност, раздрма повеќе светски влади, и генерално ги поттикна активистите и граѓаните подлабоко да размислат за начинот на кој што овие откритија ги засега нивните секојдневни животи, ни кажува зошто му е важна приватноста. Ние треба да слушаме.

Во план оптички кабел од Бразил до Португалија избегнувајќи ги каблите на САД

Стравовите од шпионирање од НСА, поттикнати од откритијата на Сноуден ги натера властите на Бразил и Португалија да започнат заедничка изградба на 5600 км долг оптички кабел, со кој ќе се оствари директна оптичка врска до Европа, притоа одбегнувајќи го САД, од очигледни причини. На овој начин, владите на Бразил и Португалија ќе можат непречено да ги шпионираат своите граѓани без притоа да им се мешаат неранимајковците од САД.

Технолошките компании се натпреваруваат во подобрување на нашата приватност

privacy-keyhole-1

Во досега невиден развој на настаните, технолошките компании почнаа да се наптреваруваат во тоа која компанија ќе им понуди на корисниците подобра енкрипција и следствено, поголема приватност. Епл се наметна како предводник во оваа иницијатива, но набргу слични потези повлече и Гугл, и ред други компании. Кој вели дека НСА е зла?

 ЕКОНОМИЈА И ИТ

Airbnb: Сите сме капиталисти во кооперативниот капитализам?!

airbnb-logo-hed-2014

Осврт кон „економијата на споделување“, во која главната улога засега ја има Airbnb, компанија која значително го промени, и подобри, секторот на изнајмување на соби и станови. Целиот нивен бизнис модел се заснова на претприемништвото на луѓето низ светот, и е олицетворение на полезноста од слободниот пазар во кој главниот збор го имаат токму корисниците.

Uber: Иднината на такси-услугите

Uber-App-Might-Arrive-on-Windows-Phone-Once-Again-413478-2

Викате такси само со еден допир на вашиот паметен телефон. Uber, компанијата која го овозможи ова за корисниците, достигна глобална популарност. Ги чекаме и кај нас, од причина што нашиот такси превоз бара сериозен makeover. Капитализам, слободен пазар, иновација и претприемништво, сето тоа споено во еден напис.

„Помалку Гугл, молам.“ – ЕУ, 2014

141121153956-google-break-up-620xa

Почетоците на напорите на ЕУ да го распадне Гугл, кој прерасна во компанија која буквално доминира со светскиот пазар на интернет пребарувачи, а како што можевме да видиме и погоре, задира и во други полиња, како нанотехнологија и биомедицина. Сепак, Гугл доминира поради неговиот квалитет, а тоа не им се допаѓа на европските законодавци. Прочитајте, и донесете си самите заклучок кој е во право.

РЕЦЕНЗИИ

Моето искуство со Андроид 5.0 Lollipop на Nexus 7 (2012)

Screen-Shot-2014-06-25-at-15.55.49-940x629

Искуство од „прва рака“ на колегата Дамески со Андроид Лолипоп 5.0, и тоа на Нексус таблетот од 2012 година. Искустовото генерално позитивно. За сите што го „фураат“ истиот таблет, написот содржи повеќе корисни совети кои ќе ви помогнат да го подесите таблетот за подобро функционирање на Лолипоп.

  iPhone 6 Plus – Подобар од очекувањата

design_hero_large

Дали е преголем? Дали е доволно брз оперативниот систем? Одговор на овие и други прашања може да се најдат во овој краток осврт за iPhone 6. За неговиот изглед веќе знаеме дека е прекрасен, но не штети да го погледнеме уште еднаш.

 

Се читаме во 2015.

Претходна статијаMicrosoft наводно работи на посебен прелистувач за Windows 10
Следна статијаSamsung ќе претстави нови звучници на CES 2015