WP_20140723_001

Пред само една недела излезе информацијата дека од Google работат на нов дизајн на нивната мобилна продавница за апликации, Play Store. Новиот дизајн на продавницата, како што беше најавено, треба да биде направен во новиот Material Design кој што ќе се користи од наредната верзија од оперативниот систем наречена Android L. Почнувајќи од денеска, Play Store ќе биде надградена на понова верзија која што ги вклучува најавените промени во дизајнот. Бројот кој што го носи оваа верзија од продавницата е 4.9.13 и можете да очекувате вашиот уред да ја добие во наредните денови.

Кога ќе ја вклучите Play продавницата, на прв поглед нема да забележите никаква разлика, односно главниот екран на апликацијата е целосно ист. Главните промени се направени во делот како што се претставени деталите на апликациите, односно останатата содржина за земјите каде што се достапни.

Кога ќе отворите некоја апликација ќе го видите целосно променетиот дизајн кој што сега става акцент на поголеми слики. Приказот на апликациите може да се спореди со профилите на социјалните мрежи, каде што има една насловна слика која што е голема и стои зад главната слика од профилот, односно во случајот од апликацијата. Исто така главната слика од апликациите, односно нивната икона сега е доста поголема од претходната. Кога ќе продолжите надоле во приказот ќе забележите дека изгледот сега е почист, односно позадината е направена во чиста бела боја, сите достапни икони и копчиња се поголеми, а боите поистакнати. Прикажувањето на описот на апликацијата е поедноставен и преместен во посебен дел чие што менување е направено со нова анимација.

Доколку не сакате да чекате вашата продавницата официјално да биде надградена, можете истата да ја симнете и мануелно да ја инсталирате преку следниот линк.

Извор: Droid-Life, Engadget

Претходна статијаПотврдени информациите за откажувањето на Surface Mini од страна на Microsoft
Следна статијаSense: До подобар сон преку повеќе информации
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.