windows-9-event-invite

Како што повеќето од вас кои што ги следат случувањата од Microsoft знаат, компанијата закажа настан за денес на кој што треба да ја претстави наредната верзија од Windows оперативниот систем, како и правецот во кој што ќе се движи компанијата генерално под новиот директор Satya Nadella.

Наредната верзија од Windows, која што најмногу е нарекувана со името Windows 9, може да донесе целосно ново име. Информациите се неофицијални, а од страна на Microsoft е потврдено дека сепак се размислува на таа тема, меѓутоа повеќе околу тоа сигурно ќе се објави на денешниот настан. Внатре во компанијата наредната верзија е нарекувана Threshold, додека минатата недела, по случајно кратко пуштање на страната за симнување на најавената тест верзија, можеше да се види името Windows TH.

Како и да е, кое и да биде името на наредниот Windows, она што е поважно се промените кои што треба да ги донесе овој оперативен систем. Достапни беа многу информации, од кои што повеќето неофицијални за можните нови функции кои што ќе бидат дел од Windows. Сите тие се насочени кон исправање на „грешките“ во Windows 8 кои што направија да оваа верзија од системот биде нарекувана новата Vista, се разбира поради нејзините слаби оценки од страна на корисниците.

Сепак слабите оценки во главно се однесуваат на претставувањето на модерната околина, односно Start екранот со што беше тргнато Start менито, а корисниците беа скоро „натерани“ да ја користат новата околина, иако таа беше во главно наменета за корисниците на таблет компјутери или други уреди со екран на допир. Корисниците на десктоп компјутерите беа можеби најмногу незадоволни од овој нов правец на оперативниот систем, па огромен број од нив решија да останат на Windows 7, а некои дури и да го променат нивниот оперативен систем со Linux или OS X.

Настанот се одржува денес во 19 часот според македонско време во San Francisco. Не се очекува настанот да биде направен спектакуларно, односно се работи за настан за медиумите каде што ќе биде презентирана политиката на компанијата. Исто така се очекува достапност на тест верзија од Windows 9, по неговото претставување која што треба да биде достапна најкасно во почетокот од Октомври.

Настанот ќе го следиме, па сите информации околу претставените и најавените работи ќе можете да ги прочитате по завршување на истиот, се разбира на нашиот портал.

Претходна статијаСтаница Q: Microsoft ги објаснува квантните компјутери
Следна статијаМодулите на Project Ara ќе се менуваат без исклучување на телефонот
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.