lg-g3-g2

Кога G2 беше презентиран минатата година, многумина велеа дека ќе биде најдобриот паметен телефон и до денешен ден тој се наоѓа на листата на најдобри. Може ли G3  кој што беше претставен оваа недела да го постигне истиот успех, а можеби и да го надмине? Тоа сепак на крај останува на корисниците да одлучат преку купување на уредот, а до неговото излегување во продолжение прво да видиме во што се разликуваат овие два модели. Колку е подобар новиот G3 и дали вреди корисниците на постариот модел да инвестираат во купување на нов мобилен телефон?

Дизајн

G3 е всушност многу сличен на G2 во дизајнот, но сепак мора да има разлика, нели. G3  доаѓа со димензии од 146.3 x 74.6 x 8.9 mm и тежина од 149 грама, а претходникот, односно G2-ката има димензии од 138.5 x 70.9 x 8.9 mm и незначително помала тежина од 143 грама.

LG G3 е достапен во црна, златна и сребрена боја, а ќе бидат достапни и дополнителни бои зависно од земјата и операторот. Претходно задниот дел од телефонот беше направен од пластика, за сега на неа да биде поставен слој кој што остава впечаток на метал.

Како и кај претходникот, G3 има копчиња за вклучување и за подесување на јачината на звукот, кои што се наоѓаат на задниот дел, а не од страна, како кај повеќето телефони.

Камера

И G3 како и G2, имаат 13 мегапикселна задна камера и 2.1 мегапикселна предна. G2 има 29mm фокална должина и f/2.4 бленда, додека G3 може да се пофали со ласерски автофокус, со што се овозможува фокусирање побрзо од трепнување. Предната камера е идеална за љубителите на селфи – постои тајмер што може да се прилагоди со едно движење на раката, а екранот делува како блиц.

Дисплеј

Екранот е делот што најмногу го прави различен G3 од G2, затоа што е поголем и има значително подобра резолуција. LG G3 доаѓа со 5.5 инчен Quad-HD IPS панел, со резолуција од 2560 x 1440 пиксели и со неверојатна пикселна густина од 534 ppi, што го прави G3 најдобриот телефон за гледање слики, видеа и играње на игри. Но, да не ја заборавиме и големината на екранот која што за разлика од G2 кој што е со 5.2 инчи, G3 доаѓа со поголем 5.5 инчен екран.

Хардвер

LG G2 доаѓа со Qualcomm Snapdragon 800 чипсетот кој што во овој модел работи на четири јадрениот Krait 400 процесор кој што работи на 2.26GHz и Adreno 330 графички процесор и со оваа конфигурација освои дури 4.085 поени на Geekbench 3 тестот што е сериозно добар резултат. Новиот G3, доаѓа со Qualcomm Snapdragon 801 чипсетот и работи на четири јадрениот Krait 400 процесор на 2.5GHz и Adreno 330 графички процесор. Ова е истата хардверска комбинација кај Samsung Galaxy S5, Sony Xperia Z2 и HTC One M8.

Што се однесува до вградените звучници кај G2, тие произведуваат многу слаб, неквалитетен звук кога јачината е мала. Кај G3 тој проблем е решен, со тоа што е вграден звучник од 1 Watt со сопствен засилувач. Ова не значи дека квалитетот на звукот е совршен, но далеку подобар од тоа што G2 ни го нуди.

Батеријата има капацитет од 3.000 mAh-исто колку и кај G2, но новата ќелија кај G3 има технологија која што ќе ја зголеми долговечноста, сo тоа што металот во батериската катода е сменет со графит. Исто така за разлика од претходникот, G3-ката доаѓа со можност за вадење на батеријата, нешто што е често сметано како предност кај телефоните, но ние на пример никогаш ја немаме искористено таа можност до купување на нареден телефон.

Кориснички интерфејс и софтвер

Новиот G3 работи на најновата верзија од Android, 4.4.2 KitKat врз која што е поставен веќе познатиот и одличен Optimus UI кориснички интерфејс. Многу важен додаток кај интерфејсот на G3 е алатката наречена Smart Notice assistant, која што е дизајнирана да собира информации од телефонот, како на пример што најмногу се користи и во позадина да остава совети или предлози во вид на белешки. Сеуште не може да се дефинира дали оваа алатка би била добра или лоша, но во најмала рака се чини дека ќе биде корисна. Исто така, LG се пофали дека пишувањето на новата тастатура ќе биде многу олеснато. Истата доаѓа со нови функции, како и можност за нејзино костумизирање, како промена на големината и слично.

Јасно се гледа дека новиот модел на LG е големо подобрување од ланскиот G2, па затоа не би направиле грешка ако го замените G2 со G3. Секако, не можеме да очекуваме дека G3 ќе не однесе во некоја нова ера на паметни телефони, но со подобрената камера, посилниот процесор и се разбира QHD резолуцијата, G3 лесно би го надминал неговиот претходник во категоријата на најдобри смартфони.

Дали сте корисник на LG G2 и какви се вашите планови кога ќе стане достапен G3 ? Можеби сте корисник на некој друг паметен телефон, а планирате да го купите новиот G3 ?  Пишете ги вашите мислења и планови во делот за коментари.

Претходна статијаFacebook ќе престане автоматски да ја споделува вашата активност од другите апликации
Следна статијаSmash, гаџет кој ќе ви помогне подобро да играте тенис