Претставувањето на нов модел од високата класа на HTC денес се дочекува без голема „помпа“, што според мене е често неоправдано, бидејќи тајванскиот производител и натаму ги прави едни од најдобрите смартфони на планетава. Доказ за тоа е новиот знаменосец U11, кој настапува со многу различни, но добредојдени карактеристики во однос на главните конкуренти од Apple, Samsung и LG.

Однадвор, HTC U11 изгледа како ниту еден друг смартфон во класата, освен тука ако не го вметнеме неодамна претставениот U Ultra. Поточно, ова е скоро ист дизајн како тој модел на HTC, со странична рамка од алуминиум и стаклен заден дел со исклучителен финиш, кој дава своевиден хромиран изглед со многу силен сјај.

Верувам дека многумина ќе бидат поделени околу изгледот, па затоа HTC ќе пушти четири бои во продажба – црна и бела за оние со покласичен вкус и сребрена со светло сина нијанса и темно сина за оние кои сакаат нивниот смартфон да биде лесно забележлив. Лично би почекал да ги видам сите во живо пред да донесам заклучок.

Главен адут на HTC U11 ќе биде страничната рамка осетлива на притисок. Имено, со овој смартфон ќе можете да лансирате најразлични апликации, како на пример камерата, со странично стискање на телефонот, дури и ако е исклучен. Ова е многу корисно за оние кои немаат доволно големи раце да направат различни гестови на големиот 5,5 инчен дисплеј. Ќе бидат достапни различни команди за различни апликации и функционалности – кратко послабо стиснување, кратко посилно стиснување, подолго стиснување итн. Додека го правите тоа инаку телефонот нема да се витка – под алуминиумската рамка има сензори осетливи на притисок.

Уште еден голем адут според мене се вградените слушалки. Уште веднаш ќе пресечам дека U11 нема 3,5 mm аналоген излез за аудио (вграден е адаптер), што е лоша вест за оние со свои квалитетни слушалки. Сепак, за сите оние кои сакаат врвно аудио искуство и не сакаат да платат дополнително, HTC ги покрива во целост.

Имено, вградените слушалки имаат активен систем за анулирање на надворешните звуци, кој ќе овозможи непречено слушање на музика дури и кога има бучава надвор. Всушност, овие слушалки може да ги користите и само за да ја намалите бучавата (на пример во авион), без да слушате музика. Сето ова е возможно благодарение на USB Type-C излезот, кој може да прати дополнителна енергија до слушалките и да овозможи активно анулирање на звукот. И верувајте, кога еднаш ќе ставите вакви слушалки на уво, нема да сакате назад.

Спецификациите на HTC U11, како и секогаш со смартфон од високата класа на тајванскиот производител се најдобри можни во моментот. Затоа и ги оставив за подолу во овој текст, бидејќи се очекувани. Процесорот е Snapdragon 835, помогнат од 4 GB рам и 64 GB простор, со можност за проширување преку micro SD картичка. Ќе има и модел со 6 GB рам и 128 GB простор, но само на одредени пазари. Дисплејот пак има големина од 5,5 инчи и Quad HD резолуција, а под него е вграден супер брз читач за отпечатоци. Очекувано за HTC и овој модел има Boom Sound звучници, а за прв пат и IP67 отпорност на вода и прашина.

Камерите се исто така прилично моќни. Задната има нов сензор со 12 мегапиксели и леќа со супер светла f/1.7 бленда, како и врвни 4K видео можности со 3D аудио. Според испитувањата на DxO Mark, ова е најдобрата камера од сите смартфони досега, подобра дури и од онаа во iPhone 7 Plus, Google Pixel и Samsung Galaxy S8. Секако, најдобро ќе биде да почекаме на рецензиите. Предната камера пак има 16 мегапиксели и може да става шминка во живо, односно само додека гледате во неа, нешто налик на Snapchat.

Вградениот софтвер е Android 7.1.1 Nougat со HTC Sense скин. Главен негов адут е што ќе доаѓа со вградени Google Assistant, HTC Sense Companion и Amazon Alexa. Ова е голема разлика од конкурентите, кои доаѓаат со еден дигитален асистент и е нешто што е добредојдено, бидејќи му дава избор на корисникот.

Цената на HTC U11 ќе биде прилично конкурентна – ќе изнесува 649 долари во САД (околу 650 евра во Европа), што го прави за стотина евра поевтин од конкурентите од високата класа со поголем дисплеј над 5,5 инчи. Со квалитетни слушалки во пакувањето и камера која најавува супер високи перформанси, ова може да е еден од најдобрите смартфони во сенка во моментов.

Фото: The Verge

Извор: The Verge, Phone Dog, GSMArena, DxO Mark

Претходна статијаGalaxy S8 се продава одлично – надмината бројка од 5 милиони уреди
Следна статијаGoogle Maps добива помош од Street View во делот за навигација