play-movies-screens-1

Откако оваа недела Google Play Music сервисот стана достапен во повеќе земји, меѓу кои и Македонија, од вчера уште еден Play сервис станува достапен за корисниците во нашата земја. Се работи за Google Play Movies, сервис исто така дел од продавницата за апликации. Со исклучок на можноста за купување на книги и серии, сега слободно може да се каже дека Play продавницата за апликации конечно е достапна како за западните земји.

Како што кажува и самото име, Google Play Movies е сервис дел од Play Store кој ви овозможува да купувате и изнајмувате филмови кои што потоа можете да ги гледате на вашиот Android уред или преку веб. Како дел од Play продавницата, организацијата на филмовите е иста како за апликациите, па тие се поделени во категории, по популарност, како и студиото кое што стои зад издавањето.

Филмовите можете да ги купувате или да ги изнајмувате со тоа што одредени наслови се достапни само за купување. Цената за изнајмување е различна за секој филм и се движи од 100 денари па нагоре. Доколку некој од филмовите сакате да го имате во вашата колекција, односно да го купите, тогаш треба да платите од 600 денари па нагоре зависно од филмот. Исто така, цената може да се разликува во зависност од резолуцијата во која што би сакале да го гледате филмот, односно SD или HD, но не сите филмови се достапни во HD резолуција.

Screenshot 2014-11-05 10.51.53

Што се однесува до изборот на филмови, од Google истакнуваат дека се достапни илјадници наслови од кои што можете да изберете нешто што ви се допаѓа. Од тоа што ние можевме да го видиме, во продавницата се достапни доста познати наслови кои што се од понови, па до постари хитови. Се разбира не се достапни најновите филмови кои што тек почнуваат да бидат прикажувани во кината.

Исто како што тоа беше случајот со Play Music сервисот, филмовите стануваат дел од Play продавницата од каде што можете да ги купувате или изнајмувате. Гледањето на филмовите се прави преку исто така посебната апликација, Google Play Movies & TV, која што доаѓа инсталирана кај повеќето Android уреди, а можете да ја симнете и преку следниот линк.

Со оглед на тоа што во нашата земја повеќето корисници се’ уште не се навикнати да плаќаат за гледањето на филмови, освен се разбира во кината, се поставува прашањето за тоа колку овој сервис ќе биде користен. Исто така цените на Play Movies филмовите иако не толку високи, се повисоки од тие што може да се најдат во видеотеката на MaxTV, на пример.

Дали вие би го користеле овој сервис, наместо да ги симнувате филмовите на разни други начини ?

Претходна статијаGoogle Calendar преработен за новиот Android 5.0 Lollipop
Следна статијаПочнаа да излегуваат првите шпекулации за Samsung Galaxy S6
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.