Google-IO-2015-031-1280x720

Стигнавме и до средината на азбуката која ги означува апдејтите на Android оперативниот систем. M верзијата донесува неколку подобрувања, а особено во начинот на кој апликациите комуницираат со оперативниот систем и целосната стабилност на системот, но и со неколку ситни промени во дизајнот и корисничкото искуство.

Ќе почнеме од подобрувањата на хардверската страна, односно можностите кои ги нуди Android M во тој дел. Иако досега неколку производители веќе почнаа да вградуваат скенери за отпечатоци на прсти, сега оваа функција ќе биде директно вградена во Android M, што значи дека треба да очекуваме многу повеќе вакви модели во блиска иднина. Исто така, Android M ќе го поддржува новиот USB Type-C стандард, кој ќе овозможи многу побрзо полнење на батериите, побрз проток на податоци, како и можност за користење на портата за најразлични други функции, како на пример репродукција на 4K видео на поголем екран.

Screen-Shot-2015-05-28-at-10.01.47-AM-1280x720

За прв пат во Android, сега нема да мора да и дозволувате на апликацијата да користи хардверски компоненти и делови од оперативниот систем кога ја инсталирате, туку тоа ќе се прави со самото користење на апликацијата. На пример, кога ќе инсталирате Viber, досега моравте да му дозволите неколку пермисии при инсталацијата, а отсега тоа ќе се прави после стартувањето на апликацијата, исто како во iOS.

Многу интересна можност ќе имаат и дивелоперите, кои ќе можат да вградат Chrome Custom Tab, односно можност линковите да се отворат директно во самата апликацијата. Ова ќе биде еден вид екстензија во самите апликации, која ќе го користи прелистувачот Chrome, но ќе го активира во рамките на таа апликација. Исто како новиот Facebook за Android, која има вграден прелистувач за линковите што ќе ги отворите во него.

Screen-Shot-2015-05-28-at-9.59.56-AM-1280x720

Google конечно го претстави и Android Pay, кој, како што кажува името, ќе ви овозможи плаќање со вашиот мобилен. За да работи, паметните телефони треба да имаат само NFC можност. Оние кои имаат паметен телефон со читач за отпечатоци за прсти, исто така може да го искористат за поголема заштита. Во почеток, читачи за Android Pay ќе има во преку 700.000 продавници во САД.

Големи подобрувања ќе има и во траењето на батеријата. За таа цел, претставена е нова функција, наречена Doze, која преку сензорите ќе следи колку корисникот го користи својот паметен телефон или таблет и ќе ги менаџира процесите во позадина. На пример, доколку телефонот подолго време стои во место, ќе се намали фреквенцијата на нотификации на само најважните, како Email пораките и слично.

Screen-Shot-2015-05-28-at-10.02.20-AM-1280x718

Веројатно како одговор на се поуспешната Cortana, Google најави и подобрувања во Now, кој сега ќе биде многу поинтелигентен. На пример, доколку слушате некоја песна, можете да го прашате Now „Која е оваа песна“ или пак дури и „Од каде е пејачот“ и ќе го добиете одговорот. Исто така, Google Now сега ќе се активира со долго притискање на “Home” копчето.

Покрај овие поголеми подобрувања, Google ветува и многу ситни промени кои треба да го подобрат искуството, како во делот за Copy/Paste, контролата на гласноста и во тастатурата, која сега ќе има вградено Undo копче. Како и во секоја нова верзија, Google најави и подобрување во перформансите и мазноста со која работи оперативниот систем.

Google-IO-2015-018-1280x720

Засега, Android M ќе биде достапен како Developer верзија, а официјалната верзија ја очекуваме за есен оваа година. Откако ги видовме сите подобрувања, останува само да видиме кој десерт на “M” ќе биде новиот Android (сите верзии се именувани по некој благ десерт). Muffin? Macaroon? MarshMallow? M&M? Овој пат дефинитивно има избор!

Извор: The Verge, CNet, Techno Buffalo

Претходна статијаGoogle Maps конечно со офлајн “Turn-by Turn” навигација
Следна статијаWindows 10 официјално достапен од 29-ти Јули