Уште на почеток да дадам одговор на прашањето за приватноста. Работите никогаш не се до толку страшни како што изгледаат или како што некој сака да ги претстави, меѓутоа дефинитивно корисниците треба да престанат целиот свој живот да го ставаат на друштвените мрежи. Истите се наменети за поврзување со пријателите, следење на одредени интересни теми, дознавање за настани и тука треба да се постави граница.

Што се однесува до случајот којшто деновиве е актуелен ? Се работи за пристап до податоци на корисниците, пристап којшто е направен целосно според правилата на Facebook, односно без нивно директно прекршување, туку само искористување на начин којшто очигледно не бил земен во предвид.

Кратко објаснување за начинот на функционирање на Facebook преку којшто е дојдено до податоците

Сигурно веќе нема корисник којшто барем неколку пати се нема најавено на некој трет сервис користејќи ја неговата Facebook сметка. Ова е прилично практично. Наместо да креирате нова сметка на тој сервис, па да паметите нова лозинка, да пополнувате цел формулар, со притискање на копчето „Најавете се со Facebook“ целата процедура е завршена со еден клик.

Кога некој ќе се најави на некој сервис со својата Facebook сметка, тој сервис добива пристап до одредени информации за профилот на корисникот, односно до податоците кои се достапни на мрежата за тој корисник. Потребата до пристап до податоците е различна од сервис до сервис, па некој бара само пристап до вашата имејл адреса и слика, додека други бараат пристап до вашите лајкови, локација, листа на пријатели и слично.

При најавување со Facebook, листата на информации која е побарана се прикажува, па корисниците сами може да видат дали би сакале да ги споделат тие информации, а одредени од нив може и да изберат да ги исклучат.

Покрај можноста за пристап до информации од корисникот којшто се најавува на некој сервис со својата Facebook сметка, сервисите може да добијат и пристап до информации на пријателите на корисникот. Facebook пред неколку години овозможи корисниците да може да ја исклучат оваа можност, меѓутоа колку од вас знаат за таа можност воопшто.

Што е случајот со Cambridge Analytica ?

Поврзаноста на неколку компании, политичари од САД и Британија, како и Cambridge Универзитетот е толку измешана, што не вреди да се навлегува, а мислам дека само читателот ќе се збуни.

Она што е поважно е што се има случено и како е искористен системот на Facebook.

Најкратко и наједноставно објаснето, професор од Cambridge има креирано апликацијата на Facebook која исто како и сервисите за кои говорев погоре, бара најавување со корисничката сметка, а со тоа и пристап до одредени информации. Апликацијата била направена како еден вид на психолошка анкета која на корисниците треба да им даде подобра претстава за нивниот дигитален свет (“thisisyourdigitallife”).

На оваа апликација се регистрирале околу 270.000 луѓе, а преку нивниот пристап апликацијата добила пристап до информации за околу 50 милиони корисници на Facebook. Значи ова се 50 милиони корисници за кои се добиле информации за тоа што тие лајкуваат, каде живеат, каде одат на одмор, што ги интересира и слично.

Овие информации професорот од Cambridge ги дава на Cambridge Analytica компанијата, нешто што не требало да го направи. Оваа компанија инаку работи со анализа на податоци и креирање на извештаи.

Оваа компанија е позната по тоа што имала учество во Брегзит во Британија, а исто така добива голема популарност и поради ангажирањето во кампањата на Доналд Трамп.

Верувањата се дека со користењето на овие приватни податоци, компанијата успева да изгради профили за огромен број на луѓе, а потоа врз основа на тоа да изгради успешна кампања.

Во случајот со Брегзит е кампања за или против излегувањето на Британија од ЕУ, додека во случајот со Трамп е таргетирање на гласачи кои се смета дека можеби не би биле добиени со стандардна, односно општа кампања.

Кратко кажано, овој пример покажува како Facebook може да се искористи за да се манипулира со верувањата и одлуките на корисниците. Кога оваа бројка ќе достигне 50 милиони, веќе говориме за сериозно влијание.

Од Facebook коментираат дека тие не може да бидат одговорни за „злоупотребата“ на трети компании, а сметките на истите веќе се суспендирани.

Корисниците по интернет веќе можат да најдат „лавина“ од совети да се исклучи пристапот до Facebook платформата од трети страни, а ние само би кажале, не мора ништо од ова да правите, само не го ставајте целиот живот на ваквите мрежи и не се најавувајте на секакви сервиси и Facebook апликации.

ИЗВОРTNW
ИЗВОР 2Recode
Претходна статијаСамсунг и Дизни креираат магија со пиктографи за изменета реалност (AР емоџи) за Самсунг Галакси С9 и С9+
Следна статијаWIZZ AIR објави 24 часовна промоција за Велигденските празници
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.