Како што кажуваа достапните информации, Google официјално ја претстави финалната верзија од Android 8.0 порано од очекувањата, односно во август пред претставувањето на новата генерација од Pixel телефоните.

Android 8.0 кој досега беше означуван со кодното име O, како што се очекуваше сега го носи официјално име Oreo, како и обично по некој познат десерт.

Иако повеќето информации за тоа што ново ќе донесе оваа осма верзија од Android системот ги видовме преку неколкуте бета верзии, сепак во продолжение официјално да ги претставиме главните карактеристики на најновиот Android.

СЛИКА ВО СЛИКА (PICTURE IN PICTURE)

Ова е една од главните карактеристики кои доаѓаат со новата верзија од оперативниот систем. Да нема забуни, сигурно ќе кажете дека веќе имате видено ваква функција на Android уред. Разликата е што досега ваквите функции беа вградувани од страна на производителите на телефони, па сега и основната верзија на Android доаѓа со вградена ваква функција, па производителите нема да треба да се „мачат“. Исто така, голема е бројката на уреди кои доаѓаат со прилично основна верзија од системот, па корисниците на овие уреди ќе имаат повеќе можности.

Како што кажува и самото име, корисниците ќе имаат можност да користат две апликации одеднаш, со едната издвоена во помал дел од екранот, односно исто како истоимената функција на телевизорите.

Ова ќе овозможи да може да се продолжи да се гледа видео или повик, на пример, додека се проверуваат други работи на телефонот. Корисна функција која сигурно голем број на корисниците ќе им се најде во многу ситуации.

NOTIFICATION DOTS

Како еден вид на унапредување на можностите од Android 7.1, во новата осма верзија Google ги воведува Notification Dots. Во основа се работи за можност за прегледување на известувањата од апликациите директно преки подолго притискање на нивната икона на главниот екран.

Во минатата верзија од Android со ваквото притискање се добиваа неколку опции од апликацијата без потреба од нејзино отворање, па сега се додава и можноста за добивање и дополнителни информации.

АВТОМАТСКО ПОПОЛНУВАЊЕ (AUTO FILL)

Ова е функција која за мене е една од најважните, па моментално ја користам LastPass апликацијата за таа цел. Поточно, Android со најновата верзија ќе почне да ги памти вашите кориснички имиња и лозинки за најавување на повеќе сервиси (доколку тоа го одобрите, се разбира) и истите автоматски да ги внесува во соодветните полиња на веб страните и апликациите.

Ваквата можност ќе ни скрати доста време и кликови за копирање на податоците кои сакаме да ги внесеме при најавување на огромниот број на сервиси кои ги користиме во денешно време.

——–

Android 8.0 Oreo исто така доаѓа и со нови емоџи икони, како и нов изглед на делот за прилагодувања на оперативниот систем. Иако системот во оваа верзија на претрпува значајни промени во корисничкиот интерфејс, полн е со мали промени кои ќе направат да сепак се гледа дека е надграден.

Од Google ја истакнуваат и брзината на новата верзија која треба да биде значајно зголемена, според нив и до 2 пати. Исто така, безбедноста на системот е значително подобрена, меѓу другото и со веќе најавената и на другите верзии Google Play Protect функцијата.

Ако се прашувате кога ќе може да ја добиете оваа верзија на својот уред, ако искуството е показател, не се надевајте. Истата според Google ќе стане достапна кај некои од производителите до крајот на годината, а знаеме дека истото обично се случува за најновите уреди. Затоа, кога ќе се решите за некој нов уред идната година, ќе можете да ја пробате најновата верзија од Android.

Се разбира, доколку користите некој од поретките уреди кои доаѓаат со чистата Android верзија, односно некој од Pixel уредите и слични, може да очекувате надградба во месеците што следат.

Во продолжение можете да ја погледнете и рецензијата на новиот систем од Android Central.

Извор: Google, Google 2, Android Central, TechCrunch

Претходна статијаSamsung пушти две нови видеа како најава за Galaxy Note 8
Следна статијаКолку чини соработката на Google и Apple
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.